Велешкото село Стари Град оставено во заборав, жителите патуваат и по 5км за вода за пиење

Вода за пиење нема. Улиците се неасфалтирани и нема канализација. Жителите од село Стари Град живеат како во среден век. Тие се принудени да патуваат и по 5км до најблиското село за да наполнат вода за пиење.

„Овде имаме многу лоши услови поради водата, немаме вода за пиење. Овде сме 15 албански куќи, вода купуваме или полниме во другите македонски села, немаме ниту за стоката. Таму имаа извори на вода и големи чешми. Одиме таму да полниме вода за пиење, а за стоката полниме од реката, такви ни се условите овде“, вели Наум Исенов, жител на село Стари Град.

“Условите во селото се катастрофални, немаме добри улици, ни вода за пиење ни ништо. Вода за пиење немаме, принудени сме да купуваме, а ни треба и за стоката. Имаме 2 илјади овци во Стари Град, а вода носиме од село Бабуна, на 2км од овде.“, рече Раиф Јакупов, жител на селото.

Градоначалникот на општина Чашка, телефонски за ТВ21 изјави дека е запознаен со проблемите на жителите од Стари Град. Тој објасни дека овие проблеми ги наследил од претходниот градоначалник на општината. Но и покрај фактот дека веќе 1 година е градоначалник, тој се уште нема подготвено проект за решавање на инфраструктурата и канализацијата, а проблемот со водата очекува да се реши со помош од владата до крајот  на неговиот мандат.

Селото Стари Град во општина Чашка брои над 20 семејства кои се борат со лошите услови и очекуваат решавање на проблемите од страна на општината. Инаку, на територија на општина Чашка, над 70% од населените места немаат систем за канализација, а 60% немаат ниту централен водовод.

Репортер: Арменд Гаши