Во Крива Паланка изложба на фотографии од Зорица Пуровска-Велевска

Во уметничката галерија на Градскиoт музеј во Крива Паланка синоќа беше отворена изложба на фотографии од улогите на примабалерината на Македонскиот народен театар и доајен на македонскиот балет, Зорица Пуровска-Велевска.

Настанот е придружна активност од годинашната програма на Интернационалниот театарски фестивал Св.Јоаким Осоговски.

– Изминатите неколку години на наша иницијатива започнавме да ја реализираме придружната програма на фестивалот. И денешната активност е дел од нашата интенција националните вредности од областа на уметноста да ги доближиме до кривопаланечката публика, пред се, оние поврзани со театарот, но и со сцената и балетот. Изминатите години ни гостуваа Љубен Трајановиќ со неговата фотографија, Љупчо Илиевски со фотографијата од МОТ, Ѓорги Костовски со фотографии од осумте години на фестивалот, во придружната програма неколку писатели на тетарски дела, како Кацаров, Ристевски и други, дела важни како национална вредност беа дел од оф-програмата на овој фестивал. Се трудиме, бидејќи сме институција која поддржува национални вредности, да биде претставено сето она што е важно, рече Драган Величковски, директор на Градскиот музеј Крива Паланка.

Величковски посочи дека примабалерината Пуровска-Велевска е припадник нa поновата генерација повоени македонски балетски уметници и доајен на балетската сцена во државата.

Тодор Кузманов, театролог и критичар, истакна дека во нејзиниот лик и дело се отелотворува тезата дека балетот може да се дефинира како дијалог меѓу движењето и спокојот, дијалог без зборови, со силна драматичност.

– Додека вајарот ја обликува фигурата во каменот, оживувајќи го и давајќи му душа, балетскиот уметник својата монументалност ја создава од сопственото тело во мигови на движење и мирување, притоа движењето е апсолутно, а спокојот релативен. Сепак, тие се во страсна прегратка-ова е накратко опис на фигурите на Пуровска-Велевска на сликите пред нас, првпат споредени со скулптурата, рече Кузманов.

Таа во богатата биографија бележи улоги во претставите „Валпургиска ноќ“, „Болеро“, „Травијата“, „Охридска легенда“, „Лабин и Дојрана“, „Легенда за љубовта“, „Жизел“, „Време за љубов“, „Танчерка“, „Лебедово езеро“ и многу други.

– Почестена сум што можам после толку години мирување надвор од сцената, да добијам ваква чест и признание, да биде претставена мојата уметност. Среќна сум што по долги години труд сум оставила со златни букви испишани страници во балетската историја на Македонија. Не сум имала прилика во моите творечки години да настапам во Крива Паланка, и благодарна сум на директорот на музејот на поддршката. Фотографииите зборуваат за сето што сум го направила, а јас само ќе поскам во многу скора иднина да се раѓаат млади балерини, ѕвезди кои ќе сјаат на нашето небо, рече Пуровска-Велевска.

Изложбата ќе биде поставена во градската уметничка галерија следните десетина дена, а покрај фотографии изложени се и костими од улогите на настапите на примабалерината.

Во Крива Паланка изложба на фотографии од Зорица Пуровска-Велевска was last modified: September 18th, 2018 by Ана