„Градот“ – изложба на група од дванаесет студенти од ФЛУ

0

ГРАДОТ е уникатно визуелно дело, резултат на заедничката работа на група од дванаесет студенти од Катедрата по графика, на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Младите креативци своите доживувања и асоцијации за градот (кој не е место на раѓање и живеење на сите учесници), ги прикажуваат преку цртеж, кој потоа е транспониран во графика преку техниката сито печат. Графиките покрај на хартија ги отпечативме и на текстил, односно на маици, во лимитиран тираж. Маиците, како носители на отпечатокот, се воедно и секојдневен симбол за урбаното живеење, неодминлив дел од поп културата, медиум кој веќе со децении е исклучително податлив за себеизразување.

Секој учесник е претставен преку маица. Дванаесетте маици со сито-отпечатоци спакувани во вакуум кеса формираат уникатно групно уметничко/визуелно дело – вид на уметничка книга, исполнета со лични визии и размислувања за градот Скопје. „Книгата“ од маички е продуцирана во лимитиран тираж од 3 примероци.

Соочувањето на идните потенцијални ликовни/визуелни уметници со можност за јавно изнесување на свои ставови и размислувања, како и неконвенционално изложување на своите дела во необичната „Мобилна/Монтажна галерија“, која се наоѓа во јадрото на градот на кој му е посветен овој проект-дело, соодветсвува со целите на вон-наставните истражувачки и уметнички проекти на Факултетот.
Проектот „Градот“ ги истражува можностите на поврзување на графиката, книгата и развивањето на ликовен концепт. Осмислен е и реализиран под менторство на проф. д-р Славица Јанешлиева-Бачварска, со стручна помош од проф. м-р Ладислав Цветковски и експертот за сито-печат г-ин Душко Стојановски.

Учесници/автори: Аврамовски Иван, Блажева Леона, Иванова Петранка, Камчев Мартин, Мусли Бурџу, Николовски Стефан, Русевска Јана, Секулоска Ивана, Симовска Христина, Соколовска Анџела, Стоилковски Дејвид и Христовска Ивана

Изложбата е финансиски поддржана од Министерство на култира на РМ, Град Скопје и Општина Центар

„Градот“ – изложба на група од дванаесет студенти од ФЛУ was last modified: October 19th, 2018 by Ана