Заврши Меѓународниот фестивал „Денови на комедија“ Куманово

Со премиерна изведба на „Мани, мани мани“ на кумановскиот театар синоќа заврши 21-от Меѓународен фестивал „Денови на комедија“ Куманово.

Претставата е во режија на Бојана Краљевска и Горан Илиќ, а работена е според текст на Реј Куни. Во комедијата настапија седум актери од кумановскиот театар, Марко Трајковиќ, Сања Русеска, Владо Дојчиновски, Дубравка Киселички, Нина Максимова, Јасмина Василева и Мирослав Петковиќ.

Традиционално „Деновите на комедијата“ ги затвора кумановскиот театар кој годинава слави 70 години од постоењето.

– Како институција сме презадоволни од тоа како помина овогодинешниов фестивал „Денови на комедија“. Имавме квалитетни претстави за сечиј вкус. Масовната посетеност која би требало да го надмине бројот преку 9.500 посетители за сите фестивалски денови укажува на фактот дека Куманово и кумановска публика сакаат театар. Публиката беше пофалена од сите ансамбли кои играа на сцената при Н.У.Ц.К. „Трајко Прокопиев“, изјави директорот на фестивалот, Сашо Тодоровски.

На годинешниов фестивал учествуваа 14 театри од Македонија, Србија, Бугарија, Црна Гора и Ерменија. Кумановци покажаа значителен интерес за фестивалот, кој е поддржан од Министерството за култура, општина Куманово и бизнис заедницата од градот.

– За идната година очекуваме поголема финасиска помош од Министерството за култура за да може овој фестивал покрај претставите да организира и дополнителни активности додека трае фестивалот, разни дебати за комедијата како жанр, дополнителни дневни активности поврзани со фестивалот, се со цел овој настан кој е веќе бренд да се етаблира како еден од најзначајните културни моменти во нашата држава, изјави Тодоровски.

Заврши Меѓународниот фестивал „Денови на комедија“ Куманово was last modified: October 19th, 2018 by Ана