Заев-Тимоние: Македонија е на добар пат, силна поддршка од Франција на патот до ЕУ и НАТО

Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со францускиот амбасадор во Македонија Кристијан Тимоние, со кого разговараше за прашања поврзани со актуелната политичка ситуација во земјата, вклучувајќи го и усвојувањето на уставните измени во Парламентот во согласност со Преспанскиот договор и продолжувањето на реформите со цел интегрирање на земјата во евроатлантските структури.

Амбасадорот Тимоние оценувајќи дека Македонија е на добар пат за остварување на нејзините стратешки цели, членството во Европската Унија  и НАТО, му честиташе на премиерот Заев за лидерството кое доведе до Договорот од Преспа, кој е клучен за реализација на евроинтеграциските процеси.

„Насочени сме да го искористиме историскиот момент и имаме највисока мотивација по добиената покана за почеток на пристапните преговори со НАТО и најавениот датум за почеток на преговорите со ЕУ, да ја внесеме Македонија во евроатлантското семејство, каде македонските граѓани ја гледаат својата иднина“, рече премиерот Заев, заблагодарувајќи му се на францускиот амбасадор за сета поддршка која неговата земја и ја дава на  Македонија и нејзините граѓани за време на реализацијата на стратешките цели.