Законот за пазарџиите ќе се одложи за една година? Опозицијата обвинува за манипулирање со граѓаните

По протестите на пазарџиите, примената на новиот закон зелените пазари најверојатно ќе биде одложена за една година. Од страна на парламентарното мнозинство во Собранието е поднесена иницијатива со која се бара пролонгирање на неговата примена.  Новиот закон кој меѓу другото предвидуваше обврска да се плаќа лиценца од 60 евра , предизвика голем револт кај пазарџиите.  Пратеникот од ДУИ Ејуп Алими образложувајќи ја одлуката рече дека со ова се дава повеќе простор на пазарџиите и Владата да се усогласат. Според него од досега одржаните средби со трговците во зелените пазари е увидено дека е потребно да се одложи овој закон се додека не бидат подготвени трговците.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека парламентарното мнозинство нема слух да ги реши нивните проблеми, туку само ги одложува. Овој штетен закон треба да се укине а на да се одложи вели Љупчо Димов од ВМРО-ДПМНЕ.

„Со штетниот закон на СДСМ се воведуваат казни од 1500 до 2000 евра и се бркаат пензионерите и хонорарците од зелените пазари. Законот кој го донесе СДСМ директно ќе удри на најмалку 20 илјади граѓани кои  егзистираат продавајќи на зелените пазари“, изјави Љупчо Димов од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ велат дека преку консултации со пазарџиите ќе се дојде до заедничко решение кое е прифатливо за сите. Институциите, продавачите и организаторите на пазарите неопходно е на заедничка маса да дискутираат како да се подобри организацијата на работата на пазарите и да се дојде до решение со коке ќе бидат заштитени сите засегнати страни, рече Костадин Ацевски од СДСМ.

„Време е конечно овој проблем да се реши. Мислиме дека со одложување од една година имаме доволно простор сите засегнати страни да седнат на заедничка маса и да се најде вистинско решение кое ќе значи сузбивање на сивата економија и заштита на интересите на сите“, изјави Костадин Ацевски од СДСМ.

Измените предвидуваат за три месеци да се одложи донесувањето на подзаконските акти, а регистрацијата  да започне да се применува од 1 јануари идната година.

РЕПОРТЕРКА: СВЕТЛАНА УНКОВСКА