Мицкоски од Охрид: Поразите и понижувањата да исчезнат оваа година

За време на празникот Богојавление-Водици, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска беше во Охрид на традиционалното фрлање на Светиот крст во водите на охридското езеро. Тој од таму даде изјава за медиумите каде што посака сите омаложувања и понижувања да исчезнат оваа година, и им го честиташе празникот на сите граѓани на Македонија.

„Дозволете ми да од мое лично име но и од името на ВМРО-ДПМНЕ на Синодот, на пресветото свештенство, монаштво, на сите православни верници да им го честитам овој голем христијански празник. Да им посакам здравје, среќа, бериќет, успеси, насмевки за нив и нивните семејства. Оваа година повеќе да се радуваме од минатата година. Да имаме повеќе успеси како граѓани на Република Македонија, а не порази и понижувања“ рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска во Охрид.

Мицкоски му го честита успешното фаќање на крстот на најсреќниот помеѓу православните верници, како и на сите оние кои учествуваа во овој настан.

Крстот од водите на охридското езеро втора година по ред го извади Иван Лотески.