МНТ ја подготвува „Галеб“ од Чехов, премиерата во декември

Македонскиот народен театар ја подготвува претставата „Галеб“ од Чехов во режија на Нина Николиќ, а премиерата е планирана за средината на декември. Тоа ќе биде трето поставување на овој класичен текст на сцената на МНТ, по двете претходни постановки – во 1960 година на режисерот Димитар Ќостаров и во 1990 во режија на Бранко Ставрев.

–Московската премиера на текстот „Галеб“ била пред точно 120 години и тоа е голем предизвик одново да се открие дека текстот и во денешни услови е актуелен и отвора теми што го допираат современиот човек, бидејќи станува збор за љубовна приказна, соопшти МНТ.

Режисерката Николиќ вели дека текстот содржи ситуации кои и денес ги живееме, како Чехов пред 120 години да пишувал текст за 21 век. – Пристапот што го имам во поставувањето на претставата е поинаков само во однос на брзината со која се одвиваат ситуациите, открива режисерката.

Во актерската екипа се: Звездана Ангеловска, Никола Ристановски, Петре Арсовски, Емил Рубен, Сашко Коцев, Дарја Ризова, Дамјан Цветановски, Сашка Димитровска, Тина Трпкоска, Благој Веселинов и Аксел Мехмет. На сценографијата за претставата работи архитектката од Белград Вишња Вујовиќ, Ивана Каранфиловска-Угуровска ја подготвува костимографијата, дизајнер на светло е Крис Јегер од Велика Британија, а кореограф – Димитрис Сотириу.

Додека траат подготовките на претставата, дизајнерот Јегер од 26 до 30 ноември во МНТ ќе одржи работилницата: „Вовед во дизајнот на светлото и креативната комуникација“. Повикот за учество МНТ го објави пред десет дена и е отворен до 10 ноември.

МНТ ја подготвува „Галеб“ од Чехов, премиерата во декември was last modified: October 19th, 2018 by Ана