Поднесена кривична пријава за злоупотребите на пензискиот систем

Министерството за труд и социјална политика денеска до Основното Јавно обвинителство достави кривична пријава против непознат сторител за злоупотребите на пензискиот систем, кои вчера ги соопшти министерката Мила Царовска.

„Имено, темелните истражувања на пензискиот систем кои ги направи Министерството за труд и социјална политика со Меѓународните финансиски институции за првпат по 12 години откри дека кај 12.000 осигуреници уплатените придонеси останале само во државниот пензиски столб.

За нив воопшто не се распределувале средства во вториот пензиски столб, иако осигурениците ги исполнувале условите. На овој начин директно им било скратено правото за остварување повисока пензија на овие 12.000 идни пензионери. Така, еден осигуреник со просечна плата има изгубено околу 95 илјади денари во период од 2007 до 2018 година.

Лошите и неодговорни политики на претходната власт доведоа до покачување на дефицитот на ПИОМ од 15 милијарди денари. Со цел да се намали овој дефицит Министерството за труд и социјална политика изготви пакет мерки кои стапија на сила од 1 јануари 2019 година. Преку нив се менува структурата на двостолбниот пензиски систем. Целта на МТСП е да обезбеди стабилна исплата и континуиран раст на пензиите, и тоа без зголемување на старосната граница или замрзнување на пензиите“, се вели во соопштението.