Почеток на второ полугодие без учебници, учениците немаат учeбници по стручни предмети

Седум години нема конкурс за учебници по стручните предмети. Ако на ова ја додадеме, како што дел од нив сами признаваат, неажурноста на професорите, ученици се принудени и во второто полугодие да се снаоѓаат. Во средното градежно училиште „Здравко Цветковски“ во Скопје има четири профили кои се различно покриени со учебници по стручните предмети. Градежни техничари кои имаат  80% од  учебниците по стручните предмети, архитектите  50 %,  геодетите имаат само два учебника од 28 и дизајнерите кои постојат седум години како профил, немаат ниту  еден учебник по стручните предмети.

„Поминаа седум години од кога беше последниот конкурс  за пишување на учебници, зошто не ги издадоа тие учебници. Сега повторно нешто од септември месец се почна со одново да се направи рецензија, одново да се дадат истите учебници да ги дотераме ние во меѓувреме, но нема издадено ништо и второ полугодие го почнуваме без, потпишавме нови договори но учебници нема“, изјави Емилија Димитрова, професор.

„По голем број од стручните предмети немаме учебници. Особено важни предмети како армиран бетон кои ни се важни за нашето понатамошно знаење. Како се снаоѓаме? Работата е тоа што не треба да се снаоѓаме, туку треба да имаме материјал од кој треба да учиме. Најголем пропуст од тоа што немаме учебници е што часовите ги трошиме на диктирање за да учиме од теттратка и наместо да се поминат на покострутивно  решавање, вежбање ние ги трошиме на препишување професорот што ќе каже“, вели една од ученичките.

„Мислам дека Министерството за образование треба повеќе да се ангажира за стручните паралелки, не сме само ние и немаме само ние недостиг од учебници, имаат и други училишта. Треба да се ценат и професорите што се трудат  скрипти да прават“, ученик во средното училиште.

„Точно ќе добиеме ние добра оценка но, не е тоа се, треба да знаеме да се снајдеме во реалниот свет.  Не само тоа што ќе го научиме во теорија. Немаме време да посветиме време на нашето знаење на градењето на нашето понатамошно знаење кое ќе ни користи за работа , за факулетет, тоа не ни дава простор да можеме да се надградуваме“ вели ученичка од „Здравко Цветковски“

Се обидовме да ги контактираме и Министерство за образование, но не добивме одговор. Додека  Владата се жали дека недостасува стручен кадар во земјава,  неопходно е да обезбеди учебници за едукација на потенцијалниот кадар.

РЕПОРТЕРКА: АЛЕКСАНДРА ВЕЛИНОВА