Ќе има ли Скопје чист воздух за дишење? Еко автобусите ќе пристигнат по една година

0

Утрово Скопје повторно беше најзагаден град во светот. Според индексот за квалитет на воздухот Ервизуал, нашиот главен град е позагаден од Лахор во Пакистан, Ријад во Саудиска Арабија и Делхи во Индија. Нивото на загадувањето беше на ова ниво и пред една недела кога Град Скопје активираше мерки кои на сила беа само два дена. Во саботата се одржаа и протести пред Собранието и Влада, каде беше побарано мерките повторно да бидат активирани.

Како дел од долготрајните решенија, Град Скопје потпиша договор за набавка на 55 еко автобуси на гас. Тие ќе чинат околу 12 милиони евра. 10 милиони евра се позајмени од Европска банка за обнова и развој, а 1.8 милиони евра се обезбедени од фондовите на ЈСП.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, рече дека автобусите најдоцна ќе пристигнат по една година. Овие автобуси емитираат минимална количина канцерогени честици.

За набавката на автобусите Град Скопје дава гаранција на ниво на општини, а Република Македонија на државно ниво. Периодот за исплата на кредитот е 10 години. Предвидено е овие нископодни автобуси да имаат поголем капацитет од актуелните двокатни автобуси.

РЕПОРТЕР: АЛМЕДИНА ИСМАЈЛИ